Jавен повик за отуѓување на градежно земјиште сопственост на Република Македонија во општина Охрид наменето за изградба на хотел по пат на јавно наддавање - 20.5.2009
Oд денес започнаа најавените активности за спроведување на постапки за отуѓување на неизградено градежно земјиште сопственост на Република Македонија, со цел овозможување на реализацијата на нови домашни и странски инвестиции, а со тоа и подобрување на економскиот раст на општините во Република Македонија.
Во следниот период планирано е распишување на повеќе објави за јавно наддавање за отуѓување на градежно неизградено земјиште на околу 160 локации во голем број општини во Република Македонија. Станува збор за локации кои согласно деталните урбанистички планови се наменети за изградба на бензински пумпи, угостителски објекти, хотели, производни објекти, катни гаражи, станбени згради, комерцијални и деловни објекти. Според пресметките направени врз основа на почетните цени на јавните наддавања, очекувано е преку овие активности да се обезбедат средства во износ од најмалку 11 милиони евра, при што треба да се има предвид дека локациите ќе бидат отуѓувани по пат на јавни наддавања, каде почетната цена неколкукратно се зголемува преку чекорно наддавање. Согласно измените во Законот за градежно земјиште, 80% од овие средства ќе бидат слеани во буџетите на општините во кои се наоѓаат предметните земјишта.
Денес, Министерството за транспорт и врски распиша јавен повик со кој се повикуваат заинтересираните компании да учествуваат во јавно наддавање за отуѓување на е градежно неизградено земјиште, сопственост на Република Македонија кое се наоѓа на атрактивна локација покрај Охридско Езеро во општина Охрид. Земјиштето е со вкупна површина од 15.877.00 м², а е предвидено со урбанистички план со намена за изградба на хотел.
Минимум услови што треба да ги исполни хотелот кој ќе се изгради, се условите содржани во Правилникот за категоризација на угостителски објекти (кој е усогласен со ЕУ стандардите за хотели и угостителски објекти), објавен во “Службен Весник на РМ” бр.16/2006 - Прилог 1, во кој се објаснети условите кои треба да ги исполнува хотел од прва категорија со 5 ѕвезди.
Право на учество на јавното наддавање имаат физички лица - државјани на Република Македонија и правни лица - регистрирани во Централен Регистер на Република Македонија.
Лицата учесници треба да ги исполнат следните услови:
- да поседуваат ланец на хотели;
- да поседуваат договор за франшиза со лица кои поседуваат ланец на хотели; или
- да поседуваат договор за деловна соработка, која обезбедува право на употреба или припадност на имателите на ланци на хотели.
Под ланец на хотели се подразбира најмалку 5 хотелски објекти брендирани од еден ист сопственик на името на брендот.
Како доказ за исполнување на условот потребно е да биде приложен доказ за сопственост на ланец на хотели, односно доказ за сопственост на правниот субјект кој поседува ланец на хотели; договор за франшиза склучен со лице кое поседува ланци на хотели и доказ дека врз основа на франшизата има изградено најмалку еден хотел под истото бренд име; или договор за деловна соработка од кој ќе се утврди дека постои правото да се користи стандардот на лице кое претставува реномиран ланец на хотели, со доказ дека врз основа на претходно склучена деловна соработка има изградено најмалку еден таков хотел под истото бренд име.
Сите документи треба да бидат доставени во оригинал и на македонски јазик и истите претставуваат составен дел на пријавата за учество на јавното наддавање.
Почетна цена на јавното наддавање изнесува 9.500 денари од метар квадратен.
Пријавите за учество на јавното наддавање можат да се достават до 15.06.2009 година на адреса на Министерството за транспорт и врски: ул.”Црвена Скопска Општина” бр.4, во Скопје, или директно во архивата на министерството.
Јавното наддавање ќе се оддржи на ден 25.06.2009 година,во 12,00 часот, во просториите на Министерството за транспорт и врски.
Учесникот на наддавањето кој понудил најголема цена, која и по три пати соопштена не биде наддадена се стекнува со статусот најповолен понудувач.
Најповолниот понудувач е должен во рок од 15 дена од приемот на писменото известување и на записникот кои Комисијата ги издава по завршувањето на Јавното наддавање, да ја достави банкарската гаранција во висина од 500.000,00 евра и да ги уплати средствата согласно постигната крајна цена од наддавањето.
Најповолниот понудувач е должен да ја заврши изградбата во рок од најмногу 24 месеци сметано од денот на добивањето на дозволата за градење, која ќе ја обезбеди во рок до 6 месеци од потврдување на договорот за отуѓување на градежното земјиште.
Овие два услови ќе бидат едни од основните критериуми на самиот договор за отуѓување на земјиштето - предмет на јавното наддавање.
Ако најповолниот понудувач не ги исполни условите утврдени во договорот кој ќе го потпишат двете договорни страни, односно не го изгради хотелот согласно објавата и приложениот договор за деловна соработка во пријавата за учество на јавно наддавање, се смета дека се откажал од договорот, истиот ќе биде еднострано раскинат, банкарската гаранција ќе биде активирана, а уплатените средства нема да му бидат вратени.
Со цел анимирање на потенцијалните инвеститори и нивно информирање за тековната објава, Министерството за транспорт и врски испрати дописи до сите амбасади како и до економските промотори на Република Македонија, од кои очекуваме да ги запознаат компаниите кои ги исполнуваат условите во објавата за можноста да инвестираат во Република Македонија.