На 26 март 2011 година во Гетеборг се одржа Ден на македонската поезија во Шведска На 26 март 2011 година во просториите на македонското друштво „Гоце Делчев“ во Гетеборг се одржа 21. по ред културна манифестација Ден на македонската поезија во Шведска, која секоја година се одвива под покровителство на Mакедонскиот сојуз. На отворањето на манифестацијата пред присутните се обрати македонскиот амбасадор во Шведска, Кире Илиоски, кој, пренесувајќи го поздравот од министерката за култура на РМ, Елизабета Канческа-Милевска, меѓу другото, нагласи дека “оваа манифестација е одлична можност преку поетскиот збор на поетите од разни националности, од разни градови во Шведска, да се пренесе суштинската порака на уметноста и поезијата, да се претстави долговечноста и убавината на пишаниот збор, во кој се преплетуваат пораките за важноста на пријателството и разбирањето“. Воедно, рече амабасадорот Илиоски, ова е убава можност за продлабочување на соработката меѓу нашите држави, Македонија и Шведска. Во рамките на програмата на манифестацијата, единствена од таков вид во редовите на македонската дијаспора во Западна Европа, која лани го одбележа својот 20-годишен јубилеј, настапија дваесетина автори. Имаше учесници, кои учествувале во поетските читања уште од самите почетоци на манифестацијата, како и автори кои годинава за првпат прочитаа свои стихови. Пред публиката со свои стихови се претставија: Борче Андовски, Најдо Георгиевски, Хасан Шабовиќ, Цветан Соколески, Александра Анер, Лилјана Стоилковска-Андовска, Тереза Шалевска-Мирчева, Остен Хансон, Ариф Шела, Биби Тртињак, Мехо Бараковиќ, Рагип Сијариќ, Алија Кадриќ, Дејв Фриедман, Кристина Божиновска, Лилјана Ивановска, Сузана Ѓорушевска, Румена Пупавац, Славка Младеновска, Томе Велјановски и Ивица Челиковиќ. Гостин од Македонија овојпат беше истакнатиот поет и литертурен критичар Бранко Цветкоски, кој од пред извесно време е назначен за директор на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје. Заблагодарувајќи се на поканата и можноста да учествува во програмата, Бранко Цветкоски рече дека библиотеката „Браќа Миладиновци“ и книгоиздателството „Макавеј“ ќе донираат по 1000 книги како придонес кон збогатување на фондот на библиотеката на друштвото „Гоце Делчев“ во Гетеборг. Инаку во тект на неколкудневниот престој, Цветкоски оствари средба и со раководството на Градската библиотека во Гетеборг, при што беше разговарано за покренување некои заеднички пројекти и отпочнување соработка меѓу централните градски библиотеки во Скопје и Гетеборг. |
|
Во рамките на програмата на годинашната поетска манифестцаија се одржа и пригодна свеченост во чии рамки беа доделени плакети на новоназначените почесни членови на Македонскиот сојуз во Шведска, кои добија такво признание за својот повеќегодишен придонес за унапредување на дејноста во рамките на македонската заедница во Шведска и јакнење на контактите и соработката меѓу Шведска и Македонија. Тоа се: пратеничката во шведскиот Парламент-Риксдаг, Гунила Кралсон (која не беше присутна на свеченоста), Реза Талеби од АБФ, како и двајца познати македонски активисти од Малме, Симеон Зенделов и Таше Стојановски. Со одлука на годишното собрание на МС, од годинава за почесен член на МС, по функција, се прогласува и македонскиот амбасадор во Шведска. Плакетите за почесно членство на амбасадорот Кире Илиоски и на останатите гореспомеанти почесни членови им ги врачи претседателот на МС, Јован Божиновски. Меѓу присутните беа и двајца порано назначени почесни членови, Кире Кленковски и Бо Мевандер. Јован Божиновски исто така информираше дека наскоро ќе се одржи основачко собрание за формирање на Македонско потеско друштво во составот на Македонскиот сојуз. Со тоа ќе се означи континуитетот во натамошното постоење на Деновите на македонската поезија во Шведска и воедно манифестацијата ќе ми биде директно понудена на самите поети да се грижат околу нејзината иднина. Се очекува Македонското потеско друштво да се заложи за интензивирање на напорите во областа на преводната литература и проширувањето на македонско-шведската соработка на книжевен план. Годинашната поетска манифестцаија во просториите на друштвото „Гоце Делчев“ мина во пријатна атмосфера, а бројната публика, освен поетското читање, со внимание го проследи и настапот на фолклорната и хорската секција при друштвото домаќин. |