15 октомври, - Во просториите на Македонското друштво „Гоце Делчев“ во Гетеборг се одржа средба на Митрополитот Европски г. Пимен со претставници на Македонскиот сојуз во Шведска. Целата на овој собир беше да се дефинираат подрачјата и прашањата околу кои може и треба да се интензивира соработката меѓу македонските друштва и клубови и црковните општини во Гетеборг и Малме, а во интерес на збогатувањето на севкупната дејност во редовите на македонската заедница во Скандинавија.
- Немаме причини да не си помогнеме едни на други, а од што полза можат да имаат сите наши луѓе на овие простори, рече г. Пимен.
Со оглед на тоа дека црковните општини и друштвата и клубовите функционираат како посебни правни субекти во однос на доделување и користење дотации од надлежните шведски органи, беше потенцирано дека се неопходно заеднички напори за проширување на членските регистри, со што ќе се создадат подобри претпоставки за добивање повеќе доатции и зајакнување на финансиската база и на двете асоцијации.
Учесниците на собирот посебно ја потенцираа потребата да се работи на анимирање на припадниците на третата генерација, односно младите од македонско потекло родени во Шведска, кои со свое вклучување и активно ангажирање во сите видови форми на македонско самоорганизарање ќе го овозможат континуитетот на повеќедецениската дејност што се одвива во редовите на македонската заедница.
На средбата беше назначена и мешовита група која ќе организира повеќе средби во разни градови каде што живеат македонски иселеници, меѓу другото со цел да се направи напор за внесување нов дух во меѓусебните односи и да се аплира за напуштање на старите поделби и антагонизми кои непотребно ги доведуваат македонските културно-спортски друштва и црковните општини во конкурентска позиција и намалување на масовноста на ангажманот како последица на тоа.