Македонската ракометна репрезентација, која вчера пристигна во Гетеборг, каде што од утре до недела ќе се напреварува на предолимпискиот турнир во арената „Скандинавиум“, имаше средба со припадници на бројната македонска заедница во Шведска.
Неколку стотини навивачи од сите генерации во редовите на повеќеилјадната македонска колонија, која своите корени во вториот по големина шведски урбан центар, Гетеборг, ги има уште од почетоците на 1960-те години, со воодушевување ги пречекаа македонските ракометни репрезентативци во просториите на македонското друштво „Гоце Делчев“, јави дописникот на МИА од Гетеборг.
Многумина ја искористија можноста да добијат автографи од нашите репрезентативци, и да се фотографираат со нив, а домаќините, како што истакна во своето поздравно обраќање претседателот на друштвото „Гоце Делчев“ Тане Ангеловски, им посакаа голем успех и заедничко патување за Лондон.
Се проценува дека натпреварите во Гетеборг ќе ги следат неколку илјади македонски навивачи и фанови од Шведска, Данска и други западно-европски земји. Кога кон таа бројка ќе се приклучат и навивачите кои од Македонија, меѓу другото, доаѓаат со 11-те автобуси, може со сигурност да се очекува изклучително возбудлива атмосфера на трибините во „Скандинавиум“.