На средбата, која се одржа во просториите на Македонското друштво „Гоце Делчев“ во Гетеборг, присуствуваа голем број македонски граѓани, при што министерката Јанкуловска, меѓу другото, ги информираше за можноста за поднесување барање за добивање на пасоши преку македонските дипломатско-конзуларните преставништва.
Многумина од присутните поставија прашања во врска со законската процедура околу користењето на идентифакационите документи во Република Македонија, при што можеше да се слушне дека иселениците наидуваат на извесни проблеми кога во текот на престојот во татковината им се бара да покажат лична карта.
Според важечките законски прописи, македонските граѓани кои го одјавиле своето живеалиште во Македонија, поради тоа што престојуваат во странство подолго од три месеци, немаат право на вадење лични карти.
Министерката Јанкуловска изрази уверување дека во однос на проблемот со употребата на личните карти, кој доселениците го доживуваат како пречка за нормален контакт и добивање услуги, на пример, во банките, нотарските служби и даночните канцеларии, најверојатно станува збор за потребата иселениците на соодветен начин да го регулираат својот статус, пред се кога станува збор за одјавувањето на живеалиштето во Македонија.
Во таа смисла, беше констатирано дека на иселениците им е доволно да поседуваат биометриски пасош како идентификационен документ, но во исто време беше речено и тоа, дека, на пример, според важечките законски прописи, нотарите во Македонија бараат покажување на лични карти при извршување на бараните услуги.
Министерката Јанкуловска ги информираше присутните и одговараше на прашања и околу политичката криза во Македонија по настаните во Собранието од 24 декември.
На средбата во друштвото „Гоце Делчев“ присуствуваше и македонскиот амбасадор во Шведска, Кире Илиоски, која ја искористи можноста да информира, меѓу другото, околу подготовките за реализација на годинашната програма на манифестацијата Денови на македонската култура во Шведска.
Средбата, чиј модератор беше Ацо Каланоски, заврши со пригодни поздравни обраќања од страна на претседателот на Македонскиот сојуз Јован Божиновски и претседателот на управниот одбор на друштвото „Гоце Делчев, Тане Ангеловски