Мразам разделби
„Не влегувај во неговата соба!“
„Мамо ма! Тој ке дојде дури на лето!“
„Таа соба е на батко ти...и крај на муабетот!“
А, тој доаѓаше точно на Петровден, на именденот на татко ми, па ние како брливи трчавме по улица, додека тој со вклучена камера се извлекуваше од Волвото, секоја година ново и различно по модел и боја и додека мајка ми проверуваше да не, случајно крие некоја снаа на задното седиште , ние веќе глумевме во неговиот нов филм ...„Бутелчанки ( мали и боси ) на асфалтот“
Какво доживување беше неговиот престој , дома, кога не посетуваше, не можам да дораскажам, ама знам, дека како дете, најмногу се радував на неговите подароци...
Па, додека сите гледаа Вардар, Звезда на Мајор 67 во црно бело, кај нас, над подрумот најблиските соседи се одушевуваа на зелената боја на стадионот и дресовите во боја на НЕЦот кој и го даруваше на мајка ми, таа стоеше до телевизорот покриен со миленце , горда на својот Трајко, послужувајки жолта, во чаши за ракија ( подарок од него) , како и на зидниот часовник на батерии , плус дигитален, закачен во претсобјето ...Сега знам, зашто и пердето против муви на влезната врата беше тргнато! За да можат, сите да си ги нивелираат часовниците по него , кога поминуваат по улицата, а тој свети како оној на зградата на ДОЗ... и, за да ја прашаат онака, уз пат...
„Од каде саатов?“
„Од Трајчета!“
Беше близок со неа, а нас не задеваше, не разнесуваше и не развозуваше, онака мусави и прљави на места, кои тогаш беа мислена именка за нас!
Првиот чамец, во кој сум се возела на Билјанини Извори ...Селф сервисот во Охрид каде, ете, се сеќавам како на неговиот послужавник редеше поземајки разни јадења ...а ние трите сестри , по принципот,„ како први, тако други“ на тацните стававме се исто, па нормално и кригла пиво!
„Мори циганко!“- и викаше на најмалата од нас, која беше нестварно бела, како дете со бели веѓи , а која му беше миленичка до крајот! А ние гледавме во него мал Бог...беше најумен, најубав и светски! Башка, од Шведска!
Не можев да се изнаслушам на неговите приказни, за краткиот ден и сивилото на Гетеборг , каде сонцето го уживаш 10 минути во седум дена, кога цела кафеана се преместува на тераса и чека, тоа да се појави!
Ама и кога го чекавме, низ годината, да поминат седум дена и во недела навечер, точно во 19 часот, да седнеме пред радиото Никола Тесла, па без да шушнеме, да го ислушаме неговиот прилог во емисијата за Македонските иселеници!
И пак, мајка ми не седнуваше, додека го слушаше неговиот глас , насмеана и горда, дека, ете таму некаде далеку, тој зборува, а неговиот глас, се слуша од онаа дрвена кутија...
Сега знам како се чуствувала...имам и јас некои мои, што чат пат, протрчуваат на тевето и тоа чуство, дека срцето ќе ми испрсне од радост и гордост, точно знам како изгледа! И, знам зошто постојано не замолчуваше со она, ппшшшт , со прстот на уста, а ние секогаш се збудалувавме, или уште пострашно, заразно се засмејувавме...и нормално, под казна, бевме бркани надвор, пред куќа, под казна...на ладно!
Се смееше и тој, кога ќе му ги прераскажувавме сите згоди врзани за него, во негово отсуство, посебно онаа, нај горливата за мајка ми , која толку го притискаше да се ожени, ама со наша , а не со швеѓанка!
Имаше свои две братчиња и две сестричиња , и нас трите, кои како подарок од бога ги добиле, (како што велеше мајка ми), за себапот што го направиле со татко ми, па се грижеше низ целиот живот за сите ...и стигнуваше на сите средби, кои беа поместувани за на лето...
„ Кога ќе биде тука батко ти Трајче!“,
на сите славења , банкети, свадби ...
Стигнуваше од далеку...и за разделбите!
Ете...
Јас, нема да стигнам ... дека далеку и дека мразам краеви ...
и разделби!
Рада Петрушева - Скопје