ПОЛУВЕКОВНО ДРУГАРУВАЊЕ

50 годишен јубилеј на Македонското друштво „Гоце Делчев„ -Гетеборг

Оваа година Македонското друштво „Гоце Делчев„ одбележува 50 години од основањето, 50 години културно и спортско творештво, 50 години опстојување, 50 години горди чувари на македонската традиција во Шведска.

Во далечната 1970 година група ентузијасти со високо национална убеденост и патриотско чуство ги поставуваат темелите на Македонското друштво „Гоце Делчев„ во Гетеборг.

Замислите на инцијаторите беа а и сеуште се: изнаоѓање на начин на заедничко другарување, ширење на културното богатство, јазикот, развивање на културно-просветниот, забавниот и спортскиот живот. И навистина во изминатиов 50 годишен период Друштвото „Гоце Делчев„ придонесе повеќе одколку во почетокот се замислуваше. Од година во година на културно -забавниот и спортскиот живот Друштвото постојано бележеше подем.

Сложни и единствени со културно презентирање на нашите традиции и обичаи, веќе 50 гидини со успех и видливи резултаи се афирмира Македонското друштво „Гоце Делчев„ македонскиот народ и све што е македонско. За овој период од 50 години во друштвото постојано се водеше грижа за несметано одвивање на бројните активности.

Богатиот историски мозаик на Друштвото е изграден со впечатливи настани: Прикажани се стотина играни филмови, организирани се разни манифестации, фестивали, концерти, игранки, изложби, поетски вечери, историски и научни предавања, спортски турнири а во соработка со Македонската амбасада и конзуларни денови за потребите на нашинците во Гетеборг и пошироко.

Во изминатиот период, голем број на културно уметнички друштва, спортски екипи, естрадни и драмски уметници, поети, писатели, историчари и ТВ екипи, беа почестени со можноста да бидат гости на нашето друштво. Гости на Друштвото беа и многу општествено политички и дипломатски лица од Македонија и Шведска, меѓу другите и  поранешниот премиер на Шведска, Ингвар Карлсон, долгогодишниот градоначалник на Гетеборг, Јоран Јохансон и многу други врвни личности.

Мораме да споменеме дека Друштвото со своите секции повеќе пати има гостовано во Македонија, Данска, Германија, Франција и Австралија.

Друштвото „Гоце Делчев„ беше иницијатор за формирање на Македонската интересна заедница, денешен Македонски сојуз во Шведска. Друштвото беше прво кое почна да издава сопствен весник кој по формирањето на Македонскиот сојуз стана орган на оваа наша заедничка организација.

Фолклорната секција беше и остана своевидна школа на македонскиот фолклор во Гетеборг каде што пеку 400 деца од сите возрасти ги научија првите чекори на македонското оро. Денес секој еден од нас е возбуден и се гордее потсетувајќи се од незаборавените настапи на фолклорната секција на бројните фестивали, приредби и празнични одбележувања и секојпат со нови поставени игри, наградувани со долготрајни аплаузи.

Со иста возбуда и гордост се следеше и фудбалската секција, која покрај редовните натпревари во Гетеборската лига беше мајстор на многубројните турнири. Натпреварите на Кортедала план, со чуство на македонки панаѓур, преставуваа вистинско доживување.

Шаховската и пингпонгарската секциа во својата пократка историја постигнаа видливи резултати особено шаховска секција према бројноста и резултатите. Хорската секција исто така ноколку години успешно го презентираше друштвото на многу свечаности.

Женскиот актив, главниот столб на Друштвото, организатор на многуте изложби, предавања, курсеви, родендени, среби на доселеничките жени во Гетеборг и многу друго. Покрај своите активности Активот безрезервно ја помагаше работата на останатите секции

Покрај редовните активности на секциите и активите членовите се среќаваа и поминуваа пријатни мигови во клубските простории играјќи шах, пинг понг, биљард а многумиа разговараа, отворајќи нови теми од секојдневниот живот а и од минатото.

За жал, во долгогодишниот период на своето постоење, Друштвото имаше и еден трагичен настан. При крајот на 1998 година друштвените простории беа позајмени на едно друго друштво за диско забава. Во подметнатиот катострофален пожар, животот го изгубија 63 деца и младинци и изгоре целокупниот инвентар на Друштвото.

Благодарение на големата поддршка од надлежните органи, кои ни дадоа потик и охрабување за постепено надминување на тешкотиите и изнаоѓање на сили за реактивирање на активноста и обезбедување на сопствени простории.

Во 50 годишниот развој на Друштвото голем број на наши членови, кои што вложија многу труди и многу од своето слободно време и од своите средства и направија сé во своите можности за зачувување и развивање на Македонското друштво „Гоце Делчев„ а не смееме да ги заборавиме оние кои не се веќе помеѓу нас, кои што исто така имаат големи заслуги за ова наше Друштвото да биде и ден денес.

За жал заради здравствената криза предизвикана од вирусот Ковид 19, одбележувањето на овој значаен јубилеј е одложен за некоја друга прилика.

И на крајот честитајќи го јубилејот со желби и надежи дека уште многу години ќе се вие орото ќе се слуша песната и името македонско и ќе се пренесува на идните генерации.

Пецо Атанасовски