Македонското друштво „Гоце Делчев„ , по повод ОСМИ МАРТ - ДЕНОТ НА ЖЕНАТА ќе организира ЗАБАВА, во сабота на 9 март, со почеток во 19.00 часот.

Влезот со консумација за мажи е 150 кр (влез, вечера и едно пиво).

Жените се ослободени од влез, ја плаќаат само вечерата и едно пиво 100 кр.

Резервации на карти е задолжително на тел. 031/526695 и 031/574299

Ивица Челиковиќ е професионално ангажиран како генерален секретар на Македонскиот сојуз во Шведска и уредник на радио-емисијата „Македонски глас“, која се емитува во Гетеборг. Дописник е на МИА од Скандинавија, а познат е и по својот долгогодишен ангажман како дописник на МРТВ од Шведска. Од неодамна е претседател на Македонското поетско друштво „Дениција“, кое дејствува во рамките на Македонскиот сојуз, а член е и на Друштвото на писателите на Македонија и на Сојузот на шведските писатели. Има објавено шест поетски книги и еден роман, а наскоро од печат ќе излезе неговиот нов роман. Превел преку 20 дела од шведски писатели на македонски, а преведува и македонска литература на шведски јазик. Добитник е на многу награди и признанија. Лани во Струга, во рамки на програмата на фестивалот Струшки вечери на поезијата, му беше врачена наградата „Стојан Христов“ за најдобра поетска книга од автор во дијаспората.

 

Како со една реченица би ја опишале Македонија?

Ако веќе постои некоја трајна фасцинација, која во мене се преточува како силен одблесок од Македонија, тогаш тоа веројатно е ѕвезденото небо над моето родно Скопје, кое сонот во летните ноќи во тој простор го исполнува со леснотија.

Лесно ли е да ја претставувате Македонија во Шведска и што најчесто Ве прашуваат?

Не е лесно да ја претставите Македонија во Шведска, имајќи предвид дека во Шведска живеат педесетина емигрантски заедници од разни делови на светот и сите тие се носат со амбиција пред пошироката јавност да ја претстават својата земја, сопствената култура и традиција. Со други зборови, конкуренцијата на тој план е изразена и мошне голема. Ние, во рамките на дејноста што ја спроведува Сојузот на македонските здруженија во Шведска, правиме напори за афирмација на македонската култура во овие простори и за јакнење на шведско-македонските врски во повеќе области. Ја организираме манифестацијата „Ден на македонската поезија во Шведска”, единствена манифестација од таков вид која, секоја година се одржува во редовите на македонската дијаспора во Западна Европа.

Годинава нашата поетска манифестација ќе се одржи на 6-ти април. Гости од Македонија ќе ни бидат писателите Венко Андоновски и Славе Ѓорѓо Димоски. Правиме напори и преку нашата традиционална манифестација „Ден на македонската култура во Шведска“ да презентираме лепеза на културни активности кои се одвиваат во нашите здруженија. Настојуваме да земеме учество во разни проекти со кои Македонија се претставува во Шведска. Сето ова придонесува за ширење на добриот глас за Македонија. Но, за жал, се уште има многумина Швеѓани на кои не им е сосема јасно каде се наоѓа Македонија. Нив најмногу ги интересира какви се можностите за туристички посети во Македонија, какви се сличностите на македонскиот јазик во однос на другите јазици во соседните земји, односно, дали меѓу македонскиот, српскиот, хрватскиот итн. постојат сличности како меѓу шведскиот, норвешкиот, данскиот... Прашуваат и за македонските вина, но, за жал, вината од Македонија и понатаму се речиси непознат производ на шведскиот пазар, кој е еден од најсофистицираните пазари за продажба на вино во Европа. Низа непознаници меѓу Швеѓаните се поврзани и со нивни предрасуди во однос на Балканот, но не верувам дека ситуација е подобра доколку се погледне од обратна перспектива. Имено, колкумина Македонци можат да се пофалат со пошироки познавања на спецификите што ја чинат посебноста на Скандинавија? Да се надеваме дека проектот ЕУ ќе продолжи со својот растеж, и своето продлабочување, а со цел да ги доближиме и ублажиме разликите.

Ако имате викенд само за себе каде и со кого би го минале?

Веројатно би требало да кажам-во Охрид, бидејќи така и чувствувам. Но, во последните години се повеќе ме атрахира убавината на планинските предели во Македонија, кои нудат одлични претпоставки за обновување на телесната и мисловна енергија. Еден таков викенд би сакал да го минам, заедно со семејството и најблиските, некаде на Пелистер, или, на пример, во Крушево.

Тетово или Велес?

Дилемава не е лесна. Но, ќе се определам за Велес. Од носталгични причини. Во текот на 1980-те години, кога работев како новинар во Културната редакција на Македонското радио, често престојував во Велес, каде што ја следев манифестацијата „Рацинови средби“. Сеќавањата од Велес се уште ги носам во мене како дел од меморираниот мозаик од тоа време.

Што има(во) Шведска што нема(во) Македонија и обратно?

Шведска има висок углед во меѓународни рамки по својот исклучително сериозен пристап и однос кон заштитата на животна средина, особено во големите градски центри. Со оглед на својата исклучителна природна убавина и богата културна понуда, и добра инфраструктура, Шведска е и мошне привлечна туристичка мета. Шведска има мир и непречен општествен развој кој трае повеќе од 200 години и како земја е позната во светот по својот специфичен општествен модел на благосостојба, социјална правда и солидарност. Се разбира, Македонија, како помлада држава, соочена со политички и економски тешкотии, се уште не може да се пофали со стабилност на своите институции, а поради што ќе биде потребно уште многу труд за зајакнување на демократскиот систем на владеење во Македонија. Од друга страна, Македонија е земја во која дружењето е возбуда, во која, луѓето, за разлика од скандинавците, полесно се отвораат, но и полесно избувнуваат и понекогаш не ја одмеруваат тежината и острината на изречениот збор. Македонија-гледано низ призмата на Западна Европа е земја во која не се живее лесно, но во која едновремено има илјада и една причина и многу убави поводи да почувствувате добро расположение.

И. Николовски

Министерката за внатрешни работи на Република Македонија, Гордана Јанкуловска, во рамките на својата работна посета на Шведска на 9 февруари имаше средба со македонски иселеници.

На средбата, која се одржа во просториите на Македонското друштво „Гоце Делчев“ во Гетеборг, присуствуваа голем број македонски граѓани, при што министерката Јанкуловска, меѓу другото, ги информираше за можноста за поднесување барање за добивање на пасоши преку македонските дипломатско-конзуларните преставништва.

Многумина од присутните поставија прашања во врска со законската процедура околу користењето на идентифакационите документи во Република Македонија, при што можеше да се слушне дека иселениците наидуваат на извесни проблеми кога во текот на престојот во татковината им се бара да покажат лична карта.

Според важечките законски прописи, македонските граѓани кои го одјавиле своето живеалиште во Македонија, поради тоа што престојуваат во странство подолго од три месеци, немаат право на вадење лични карти.

Министерката Јанкуловска изрази уверување дека во однос на проблемот со употребата на личните карти, кој доселениците го доживуваат како пречка за нормален контакт и добивање услуги, на пример, во банките, нотарските служби и даночните канцеларии, најверојатно станува збор за потребата иселениците на соодветен начин да го регулираат својот статус, пред се кога станува збор за одјавувањето на живеалиштето во Македонија.

Gordana J

Во таа смисла, беше констатирано дека на иселениците им е доволно да поседуваат биометриски пасош како идентификационен документ, но во исто време беше речено и тоа, дека, на пример, според важечките законски прописи, нотарите во Македонија бараат покажување на лични карти при извршување на бараните услуги.

Министерката Јанкуловска ги информираше присутните и одговараше на прашања и околу политичката криза во Македонија по настаните во Собранието од 24 декември.

На средбата во друштвото „Гоце Делчев“ присуствуваше и македонскиот амбасадор во Шведска, Кире Илиоски, која ја искористи можноста да информира, меѓу другото, околу подготовките за реализација на годинашната програма на манифестацијата Денови на македонската култура во Шведска.

Средбата, чиј модератор беше Ацо Каланоски, заврши со пригодни поздравни обраќања од страна на претседателот на Македонскиот сојуз Јован Божиновски и претседателот на управниот одбор на друштвото „Гоце Делчев, Тане Ангеловски

Gordana 2

 

 

На 20 јануари 2013 година, во просториите на Македонското друштво „Гоце Делчев‘‘ ,се одржа  редовното Годишно собрание, на кое присуствуваа голем број на членови , поканети гости и соработници.

По прифаќањето на поднесените извештаи за  реализираните активности за 2012година,Собранието констатираше  мошне плодна работа проследена со многу активности и проекти во изминатата година како и  позитивни ефекти во однос на финансиското работење.

Собранието ги усвои програмските смерници за 2013 година кои ќе се дефинираат на проширениот состанок на Управниот одбор со раководствата на секциите и активите.

На Собранието се дополни Управниот одбор со четворица нови членови, а за претседател на Друштвото е избран повторно искусниот активист Тане Ангеловски.

Останатите членови на Управниот одбор ќе ги добијат своите должности на првиот редовен состанок.

Godisno sobranie 2013

Gordana Jankulovska

Министерката за внатрешни работи на РМ Гордана Јанкуловска, која од 8 до 10 февруари ќе престојува во работна посета на Шведска, на 9 февруари, во придружба на амбасадорот Кире Илиоски, ќе го посети Гетеборг. Притоа, во просториите на Македонското друштво „Гоце Делчев“ на 9 февруари со почеток во 13 часот, ќе се одржи информативна средба на министерката Јанкуловска со македонски граѓани кои живеат и работат во Шведска, меѓу другото во врска со поднесување барања за издавање на македонски биометриски патни исправи.

Македонското друштво „Гоце Делчев„ ќе го оджи своето ГОДИШНО СОБРАНИЕ, во недела на 20 јануари со почеток во 13.00 часот, во просториите на друштвото.